ВМРО-ДПМНЕ: Се бркаат вработени од администрацијата кои не гласале на референдумот

Макфакс

05/10/2018

10:27

2.267

Големина на фонт

а а а

СДСМ воспоставува тоталитарен режим во државата. Режим чија главна одлика е прогонот на политичките неистомисленици и противници на Зоран Заев, тврди опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение испратено до јавноста.

„СДСМ ги реализира заканите кои пред референдумот ги упатуваше кон администрацијата, закани за губење работни места, санкции и казни за сите оние кои не го дадоа својот глас за капитулантското дело на Зоран Заев. Во јавноста сè почесто сме сведоци на дисциплински постапки и бракање од работа на вработени во јавната администрација само поради тоа што тие одлучиле да апстинираат на денот на референдумот и да не одговорат на манипулативното прашање што им го наметна власта“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската партија додава дека административните службеници биле казнувани неосновано и спротивно на Законот, спротивно на сите демократски права и начела.

„Правото на глас е едно од основните западни вредности и тоа мора да биде почитувано. Изминатива година и половина владеење на СДСМ со државата беше одбележана со еклатантно непочитување на Уставот и законите, а сега владата на Заев не ја почитува ниту волјата на над 1 милион и 200 илјади граѓани кои беа против или апстинираа од гласањето за капитулантскиот договор со Грција. Волјата на граѓаните мора да се почитува, а политичкиот прогон мора да запре“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.