Земан за референдумот: Бојкот, незаинтересираност или лошо поставено прашање можат да бидат причини за ниската излезност

Макфакс

04/10/2018

17:13

948

Големина на фонт

а а а

Ако е многу ниска излезноста на референдумот, тоа може да значи три работи: бојкот, незаинтересираност или лошо поставено прашање. Кое од овие три работи важи за Македонија тоа треба самите да си одговорат, порача претседателот на Чешка, Милош Земан, на заедничката прес-конференција со македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, кој престојува во дводневна официјална посета на оваа земја.

Прашан за коментар за договорот со Грција, Земан изјави дека не сака да се меша во внатрешните работи на Македонија, но ги повика двете страни да продолжат со преговорите.

„Тоа може да трае долго, но се надеваме дека овој спор ќе успеете да го решите“, изјавил чешкиот претседател, а пренесуваат од Кабинетот на Иванов.

Иванов истакнал дека не може слободно да се интерпретираат Уставот и законите бидејќи тие јасно кажуваат што е успешен, а што неуспешен референдум.

„Фактот е дека ние имаме неуспешен референдум. Која и да е друга интерпретација не може да ги промени бројките кои се фиксни и се знаат. Затоа јас повикав на одговорност. На сите што ја посетија Македонија, а имавме многу странски претставници кои во изминатиов период ја посетија Македонија, им укажував дека до ова ќе дојде. Затоа што не може Европската Унија и НАТО да биде алиби за лош и штетен договор. Не можете да прифаќате договор во кој постои одредба дека ќе се оди на референдум, а вие да не обезбедите национален консензус во државата. Не можете да прифатите промена на Уставот, без да обезбедите дво-третинско мнозинство во Парламентот. Затоа посочив дека за ова треба некој да одговара, а одговорноста се знае чија е. Што побргу дојдеме до одговорност, толку полесно можеме да го продолжиме овој процес кој е многу чувствителен, многу комплексен и кој ја држи Македонија веќе 27 години заложена од ирационални барања на нејзиниот јужен сосед“, изјавил македонскиот претседател на прес-конференцијата.

Во однос на членството во НАТО и ЕУ, Иванов истакнал дека Македонија е жртва на двојни стандарди и дека Договорот со Грција не содржи гаранции дека истиот ќе се почитува од грчка страна.

„Во договорот нема гаранции. Тој договор е правен лично од премиерот, без да знае претседателот на државата. Ние како државен врв во Македонија сме изградиле национален консензус во изминатите години. Тоа било став и на претходните претседатели и во Собранието е донесена декларација во 2008. Ние прифаќаме решение, но никојпат не сме прифатиле промена на Уставот на Република Македонија за промена на уставното име“, рекол Иванов одговарајќи на новинарско прашање.

Двајцата претседатели разговарале и за можностите за продлабочување на соработката во сферата на безбедноста, при што Иванов се заблагодарил за поддршката и помошта од Чешка за време на мигрантската и бегалската криза.

„Тоа е во интерес и на Чешката Република. Имајте во предвид дека одбраната на границата е важна не само за мигрантите кои минуваат. Денес веќе никој не одрекува дека меѓу мигрантите има и џихадисти и надворешни војници кои се враќаат во Европа. Јас го поддржувам правото на Македонија да си ги штити границите. Тие не се само нејзини граници, туку се граници на цела цивилизирана Европа“, изјавил чешкиот претседател Милош Земан.

Двајцата претседатели на средбата разговарале и за унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република.