Педагошки мерки за основците од Аеродром кои немале намера да ја повредат својата соученичка

Макфакс

04/10/2018

16:31

1.041

Големина на фонт

а а а

Учесниците во настанот што се случил во петокот, по што татко пријави дека неговата ќерка се повредила поради тоа што била фрлена низ прозорец од соученици во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром, во ниту еден момент немале намера некого да повредат, констатира Државниот просветен инспекторат во записникот од извршениот вондреден инспекциски надзор во училиштето.

При надзорот, на директорот и на стручната служба им е укажано да продолжат со организирање едукативни предавања и работилници за безбедно однесување на учениците.

„На раководството, исто така, му е укажано да преземе мерки за утврдување работни должности на наставниот кадар во однос на дежурства и активности што се реализираат на одделенски час“, пренесуваат од Општина Аеродром.

Оттаму додаваат дека веднаш по настанот, од страна на раководството на училиштето биле преземени сите мерки и активности за расчистување на случајот, согласно со законот. Биле изречени и педагошки мерки за несоодветно однесување на учениците, а се одржале и одделенски совет и вонредна родителска средба.

Покрај тоа, психологот на училиштето ќе организира советување за учениците и родителите.