Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да престанат со измислување нови, нелогични барања со кои се обидуваат повторно да ја вратат амнестијата за Никола Груевски, рече денеска во изјава за медиумите Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата.
Тој подвлече дека амнестија нема да има и порача дека Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ треба да покажат дали се за НАТО и ЕУ или против.
„Доколку навистина е за ЕУ и НАТО, Мицкоски ќе ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат волјата на над 600 илјади граѓани и да ги поддржат процесите во Собранието кои водат до полноправно членство. Над 600 000 граѓани јасно се определија за иднина во ЕУ и НАТО преку прифаќање на договорот со Грција. Сите пратеници, вклучително и оние на ВМРО-ДПМНЕ се должни да ја следат мнозинската волја на граѓаните“, истакна Костадинов.
Пратеникот од СДСМ и коалицијата кажа дека во Македонија може да се живее подобро единствено ако државата влезе во НАТО и ако продолжи цврсто на патот кон членство во ЕУ.
„Затоа, сите членови на парламентот, сите пратеници имаат обврска, имаат историска должност пред граѓаните да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет, а тоа е патот кон НАТО и ЕУ кој води преку преспанскиот договор“, рече Костадинов и додаде дека ако ВМРО-ДПМНЕ и натаму ја запира иднината на граѓаните, тогаш нема друга опција освен предвремени парламентарни избори.