Путин: Не сакам Европа да биде како Бугарија и да покаже слабост

Точка

04/10/2018

09:20

6.378

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Русија, Владимир Путин, во средата, по разговорот со австрискиот канцелар Себастијан Курц, изразил надеж дека цела Европа при реализацијата на проектот "Северен тек 2" нема да изгледа како Бугарија, која своевремено се откажала од реализација на гасоводот "Јужен тек".

"Никако не би сакал цела Европа да изгледа како Бугарија и да покаже слабост и неможност да ги заштити своите национални интереси", нагласил Путин. 

Рускиот претседател изразил уверување дека Русија ќе остане доверлив снабдувач со енергетски ресурси во Европа. Според неговите зборови, снабдувањето со енергенси е доверливо и без транзитни ризици, пренесува "Sputnik".

"Расте обемот на набавки и паѓа домашната експлоатација во Европа", додал Путин.

Плодната соработка меѓу Русија и Австрија во енергетскиот сектор е една до клучните области на билатералната соработка, изјавил рускиот претседател.

"Нашата земја константно ја снабдува Австрија со енергетски ресурси, а со транзит низ нејзината територија и други европски земји", рекол Путин, нагласувајќи дека тоа несомнено е една од клучните области на соработка меѓу Москва и Виена.

И покрај тешката ситуација во светската политика и економија, руско-австриските трговски и инвестициски врски се во подем, истакнал тој. Минатата година трговијата била зголемена за 40 проценти, додал Путин.

Русија го поздравува ставот на австриската влада во поддршката на проектот "Северен тек 2", кој е значаен за целиот европски континент, истакнал рускиот претседател.

"OMV исто така учествува во изградбата на гасоводот "Северен тек 2". Руската страна го поздравува ставот на Владата на Австрија за поддршка на овој проект, кој е значаен за целиот европски континент", рекол Путин по разговорот со австрискиот канцелар.

Русија поаѓа од фактот дека Европа заедно со Русија е заинтересирана за реализација на проектот на гасоводот "Северен тек 2".

"Ние ќе се бориме за негова реализација", нагласил рускиот лидер.

Австрискиот канцелар истакнал дека европските држави го поддржуваат овој проект.

"Ние имаме сопствени интереси, а Европската унија пристапува на ова прашање со целосна одговорност. Би сакал да ве уверам дека европските држави кои учествуваат во овој проект воедно и го поддржуваат. Секако, постојат уште некои правни прашања кои треба да се разјаснат", одговорил Курц на прашањето за потенцијалната опасност од повлекувањето на европските партнери од проектот поради опасност од еднострани американски санкции.

Тој истовремено го истакнал значењето за осигурување на енергетска безбедност на Европа.

"Во врска со тоа, Австрија го поддржува "Северен тек 2". Но, за нас е многу важно да се почитуваат интересите на Украина како важна транзитна држава. Постојат прашања за Украина кои треба да се разјаснат", нагласил Курц.



Спонзорирани линкови

Маркетинг