На продолжението од судењето за случајот на СЈО „Тортура“, обвинетите Сашо Мијалков и „алфите“ продолжија да ги гледаат снимките од увидот на МВР и собирањето на доказите во случајот „Кампања“.
СЈО презентира десетици снимки од неколку камери на МВР со кои било документирано апсењето на Љубе Бошкоски и собирањето и форензичката анализа на доказите. На една од снимките е прикажано како крим-техничарите земаат отпечатоци од доказите кои ги собраа „алфите“ при апсењето на Бошкоски. Техничари од МВР со бели ракавици ги вадат банкнотите од по 100 евра и ги запишуваат сериските броеви.
Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, рече дека ќе ги гледаат сите докази кои ги предложило обвинителството. „Можеби има нешто што е во наш прилог зашто сè што видовме досега е во наша корист“, рече Мијалков.
СЈО претходно побара да бидат повлечени дел од снимките од камерата 2 каде се гледа форензичката анализа на дел од доказите во МВР.