Фетаи: Јанкулоска побарала „мерцедесот“ да го користи Груевски

Макфакс

03/10/2018

12:30

880

Големина на фонт

а а а

Ексминистерката Гордна Јанкулоска го поттикнала помошник- министерот Ѓоко Поповски, екстралуксузното возило да се даде на користење на тогашниот премиер Никола Груевски бидејќи тој сакал да има такво возило, рече обвинителката Фатиме Фетаи на денешното рочиште за „Тенк“ каде се изнесуваат завршните зборови за случајот.

Според обвинителката, поранешната министерка за внатрешни работи инсистирала информацијата за набавениот „мерцедес“ да се чува во тајност и надвор од МВР, за да не го гледале вработените и јавноста.

Покрај другото, обвинителката Фетаи во завршните зборови рече дека техничките спецификации за возилото „мерцедес ес 600 гард“, претходно по пошта биле доставени до Поповски, за да се направи тендер идеален само за овој автомобил, исфрлувајќи ги другите конкурентски автомобили.

„Груевски Јанкулоска и Поповски свесно ги презеле дејствијата знаејќи дека се противзаконски“, рече Фетаи.

Претходно обвинителот Стевчо Донев рече дека вината кај обвинетата Јанкулоска се докажува преку телефонските разговори, преку кои може да се слушне како таа заедно со експремиерот Груевски и заменик-министерот Ѓоко Поповски ја договараат целата постапка за набавка на екстралуксузното возило.