Актерот Михајловски му се обрати на Чилиманов по неговиот заканувачки твит: "Кумплунг заврши во инвалидска количка токму заради сторените дела"

Точка

03/10/2018

21:26

13.376

Големина на фонт

а а а

Цветин Чилиманов, новинар и дописник за Македонската информативна агенција повика на силување на Валери Хопкинс, која е дописничка за "Financial Times" од Балканот.

Имено, во својата Твитер објава, Чилиманов испраќа порака до таксистите во Скопје во која го споменува култниот лик од македонската кинематографија, чичко Кумплунг, поради објавата на Хопкинс која гласи: 

"Таксист бојкотирач во Скопје: Бугарија мисли дека нашиот јазик не постои, Србија одбива да ни ја признае црквата, Грците го блокираат нашето име и имаме проблеми со Албанците. Ние немаме проблем, сите останати имаат...".


Актерот Јовица Михајловски кој го глуми познатиот чичко Кумплунг се огласи на својот Фејсбук профил и го потсети Чилиманов како заврши ликот кој тој го глумеше во 1996 година.

"Овој Цветин, што го бербати ликот и делото на чичко Кумплунг, да го потсетам дека Кумплунг заврши во инвалидска количка, токму заради сторените дела на кои сега повикува ангажираниот Чилиманов. Го охрабрувам, тој и сите што го делат неговиот став, до крај да ја споделат судбината на ликот Кумплунг и да завршат на ист начин. За потсетување, таксистот Кумплунг е главен лик од играниот филм САМОУНИШТУВАЊЕ. Веројатно насловот му послужил како инспирација, во исполнување на неговата света мисија. Со среќа, чичин!".

Имено, по објавата на новинарот, МИА излезе со соопштение дека целосно се оградува од ваквата изјава која предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.

"Македонската информативна агенција во целост се оградува од твитот објавен на социјалната мрежа Твитер, на нашиот вработен Цветин Чилиманов. МИА во рамки на своите надлежности ќе ги преземе сите мерки за утврдување на фактичката состојба и зачувување на угледот на Агенцијата, во согласност со законските прописи" – соопштуваат од агенцијата.

Харлем Дезир, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите најостро го осуди твитот на Цветин Чилиманов упатен кон дописничката која го покриваше референдумот во Македонија.

"Заканувачкиот твит на Цветин Чилиманов кон Валери Хопкинс е срамен и неприфатлив. Сите закани кон новинари, особено повиците за насилство кон жени новинарки се неодговорни. Чилиманов мора веднаш да го отстрани твитот", напиша Дезир на Твитер.