Народот го отфрли преспанскиот договор со неизлегување на референдумот, изјави претседателот Ѓорге Иванов во обраќање до граѓаните.
„Реалноста е дека референдумот не успеа. Не поценувајте ја суверената волја на народот. 36,9 отсто одѕив не е волја на народот, туку 69 отсто, кои не излегоа. Реалноста е дека референдумот е неуспешен. Време е за одговорност пред македонскиот народ“, порача Иванов.
Претседателот додаде дека власта ја свела поддршката за ЕУ и НАТО на 36 проценти и ги манипулирала граѓаните. Тој рече дека одлуката на граѓаните обврзува, а Собранието треба да ја почитува таа одлука.
Тој го цитира и Доналд Трамп и тоа што тој го кажал од говорницата во Обединетите нации.
„Верувам во амбицијата на нашиот народ. Референдумот не е анкета, туку одлука што обврзува. Собранието мора да ја почитува таа одлука. Му честитам на македонскиот народ за неговата одлука“, рече Иванов.
За оние што излегле да гласаат на референдумот, Иванов рече дека Македонија треба да оди во ЕУ и НАТО, но со реформи, а не со притисоци и уцени.
„Да влеземе во ЕУ и НАТО без уцени и притисоци. Прво, треба реформи во судството, корупцијата, клиентелизмот. Втор предизвик е да изградиме нов национален консензус. Ова да биде поука за сите партии што ветуваат. Владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспешниот референдум“, рече Иванов, кој како и на секое обраќање си замина без одговори на новинарски прашања.