Граѓаните кои гласаа јасно ја изразија својата волја. Гласањето на референдумот помина во мирна атмосфера, со помал одѕив од вообичаено, оцени ,,Мост”.
Според нив, на мал број гласачки места се забележани тензии, но станува збор за изолирани случаи кои немаат влијание врз резултатот на гласањето. Администрацијата одговори на задачата.
Сите гласачки места на кои ,,Мост” имаше набљудувачи беа отворени навреме и никој од нив не пријавил поголеми проблеми. Имало случаи на пропаганден материјал пред гласачките места, но по интервенција на полицијата материјалот бил отстранет, беше соопштено на денешната прес-конференција.
Забележано било непроверување на палецот со УВ ламба и необележување со мастило. Имало и случај на семејно гласање, на неколку места прекинато е гласање поради технички проблеми. Забележани се и обиди за нарушување на правилото еден човек – еден глас, информираат од ,,Мост”.
,,Мост” ги осуди инциндените во Австралија, каде беа сликани и етикетирани одредени лица, што е недозволиво.
Во врска со случаите на граѓани кои се жалеа дека ги нема на списоците за гласање, ,,Мост” апелираше до надлежните да ги отстранат проблемите околу неажурирањето на Избирачкиот список, со цел тој да не биде и понатака предмет на недоверба.