Британците со остро предупредување до Русија: Ако се обидувате да нѐ заплашите, ќе платите висока цена!

Точка

01/10/2018

16:04

2.442

Големина на фонт

а а а

Британските власти се заканија дека доколку Русија не игра по меѓународните правила, тогаш ќе биде затворена мрежата околу руската воена разузнавачка служба „ГРУ“.

Британскиот министер за надворешни работи, Џереми Хант, во текот на вчерашниот ден ја предупреди Русија дека ќе плати висока цена доколку не ги почитува меѓународните правила и доколку продолжи да ја провоцира Велика Британија.

Неговиот коментар е уште еден доказ дека односите помеѓу Лондон и Москва се крајно затегнати, односно се на најниско ниво од крајот на Студената војна.

Да потсетиме, британските власти обвинија двајца руски државјани, за кои што тврдат дека се членови на руската воена разузнавачка служба „ГРУ“, дека го извршиле хемискиот напад во Солсбери над поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.


И Сергеј и Јулија се опоравија после нападот со опасниот нервен агенс „Новичок“, а нивната локација денес не е позната поради нивна безбедност. Од друга страна, руските власти негираат било каква вмешаност во обидот за убиство на рускиот агент.

Џереми Хант за време на вчерашната годишна конференција на Конзервативната партија испрати јасна порака до Русија, која што многумина ја сфатија и како директна закана до Москва.


„Велика Британија има едноставна порака до Кремљ – ако се обидете да ја заплашите оваа земја, ако користите хемиско оружје, ако не играте по меѓународните правила, цената која што ќе ја платите ќе биде висока“, изјави Хант, нагласувајќи дека Велика Британија ќе ја затвори мрежата околу руската воена разузнавачка служба „ГРУ“.

Додека Русите негираат било каква поврзаност, а двајцата идентификувани руски државјани тврдат дека биле во Солсбери како туристи, неодамна британските разузнавачки служби го открија вистинскиот идентитет на еден од напаѓачите за кој што се тврди дека е руски полковник и добил орден за заслуги директно од Владимир Путин.