Обработени над 90 отсто гласови: Мнозинството гласале „за“, одѕивот околу 36,4 отсто

Макфакс

01/10/2018

00:48

2.314

Големина на фонт

а а а

Според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија по гласањето на референдумот, од процесирани 92,23 отсто од гласовите – 91,38 отсто се „за“, а 5,72 се „против“.

Според последно објавените податоци кои не се конечни и официјални, одѕивот на референдумот е 36,41 отсто, односно гласале 602.498 гласачи впишани во Избирачкиот список. Право на глас на референдумот имаа 1.806.336 гласачи.

Резултатите се однесуваат на пребројани гласови од 3.240 од вкупно 3.513 избирачки места во државата.

Според Комисијата, на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, од досега пребројаните гласови 550.576 гласачи одговориле дека се „за“, а 34.476 дека се „против“. Неважечки се 17.446 гласачки ливчиња.

Претседателот на Джравната изборна комисија, Оливер Дерковски, рече дека официјалните и конечни резултати ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден.

„Спроведовме добар референдумски процес. Секој на свој начин придонесе за успешноста на процесот, атмосферата беше добра со минорен број инциденти“, рече Дерковски.

Тој истакна дека треба да се исполнат двата кумулативни услова за да биде донесена одлука на референдум и дека е јасно дека на овој референдум не е исполнет еден од условите.