Стоилковски: Државната новинска агенција промени изјава на Заев по барање на Грција

Макфакс

22/09/2018

13:13

1.969

Големина на фонт

а а а

Спогодбата со Грција значи цезура секогаш кога ќе се спомене Македонија, рече на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој денес зборуваше, за како што кажа, скандал во кој премиерот Заев по забелешки од грчките власти морал да ги цензурира сопствените изјави.

Имено, тој обвини дека државната агенција МИА (Македонска информативна агенција) итно цензурирала и сменила изјава на Зоран Заев, на само едно реагирање на Атина.

„МИА во петокот ги смени изјавите дадени од премиерот Зоран Заев по интервенцијата од Атина. Во интервју за МИА во Вашингтон, Заев, наводно, рече: ‘Северен дел од Грција е Грција, западниот дел на Бугарија е Бугарија. Ова е наша Македонија и нема да има уште една во светот’, како што објави МИА првично. Сепак, МИА подоцна целосно го промени цитатот. Ревидираниот цитат гласеше: ‘Сите знаеме дека денес дел од геополитичкиот регион на Македонија е во Грција, дел е во Бугарија, а северниот дел е во нашата земја. Никој никогаш нема да се обиде да ја негира нашата Македонија“, објасни портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи се на напис во грчкиот весник „Катимерини“ и додаде дека ова е срам и за МИА и за премиерот на Република Македонија.

Како што кажа тој, државната новинска агенција не смее да објави оригинална изјава, па одеднаш да менува, само за да не го пренесе тоа што го кажал премиерот и тоа без да објасни зошто го прави.

„МИА е првата медиумска жртва на бришењето на идентитетот. Го преиначува, го брише премиерот по диктат на Грција. Одговорност е на МИА како државен сервис и како агенција која мора да се води по професионалните новинарски кодекси да не потпаѓа под влијание и цензура и оваа капитулација и обид за обезличување и да ги сочува и архивира за идните генерации“, кажа Стоилковски кој додаде дека Грција го менува нашиот устав и изготвува амандмани, а сега ги менува и текстовите на националната новинска агенција.

Тој за како што рече, ваквиот новинарски срам, побара одговорност од врвот на Македонската информативна агенција.