Прес-конференција на Дамјан Манчевски беше уште еден доказ како врхушката на СДСМ ги покрива сите притисоци што ги вршат врз граѓаните, реагира опозицијата.
„Притисоци врз народот на Република Македонија има, и тоа директно од Зоран Заев. Заев отворено на митинг повика бизнисмените со пари да ги мотивираат вработените да гласаат на референдумот, посочувајќи една компанија чиј сопственик веќе му ветил дека ќе го стори тоа. Во правна држава, Заев досега ќе беше повикан на разговор и против него ќе имаше истрага. Очигледни се и секојдневните притисоци врз државните и јавните институции за кои говорат безброј докази“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата додава дека никој не смее и не може да ги натера граѓаните против своја волја, со поткуп, со измама или принуда, да излезат и да гласаат за, како што велат, капитулантската спогодба која Заев ја потпиша со Грција.