Жерновски на состанок на Мешовитиот парламентарен комитет: Проектот за интеграција во ЕУ нè обединува по етничка линија

Макфакс

19/09/2018

18:25

793

Големина на фонт

а а а

Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, учествуваше на 15. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската Унија – Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација.

Aмбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, како и пратениците членови на Мешовитиот комитет од Собранието и од Европскиот парламент, заедно со заменик-министерот Жерновски, размени мислења за односите меѓу Европската Унија и Република Македонија. 

Жерновски истакна дека активностите на Владата на Република Македонија во изминатата година се одвиваа на два колосека: спроведување длабоки и одржливи внатрешни реформи во владеењето на правото и градење независни институции; како и обновување на македонската позиција во меѓународните односи, примарно преку унапредување на добрососедските односи.

„Особено треба да нè радува фактот што проектот за интеграција во Европската Унија нè обединува по етничка линија и со тоа нè прави уште посилни. Деновите што ги живееме и одлуката пред која сме исправени е многу поголема и поважна од меѓусебните партиски битки, кои секако ќе ги продолжиме по 30 септември. Но, оваа тема и нашата заедничка и просперитетна иднина мора да нè обедини сите“, потенцира Жерновски.

На состанокот се дебатира за резултатите од планот 3-6-9 и новиот реформски план 18 за прашања од владеењето на правото со акцент на изборните реформи, реформите во судството, во системот за разузнавање, борбата против корупцијата и организираниот криминал, работата на СЈО, состојбата во медиумите, добрососедските односи и регионалната соработка. Извештај за дијалогот „Жан Моне“ ќе презентираат европратениците кои се директно вклучени во процесот. На крајот на состанокот ќе бидат усвоени заеднички препораки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг