Анѓушев на средба со стопанственици од штипскиот регион: ЕУ и НАТО се единствената опција за развој на економијата

Макфакс

19/09/2018

17:13

1.224

Големина на фонт

а а а

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев учествуваше на трибина „Перспективите на македонската економија преку членство во НАТО и ЕУ“, во организација на Стопанската комора на Македонија, што се одржа во Штип.

На трибината претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, иницираше дискусија за прашања врзани за темата, а вицепремиерот зборуваше за предностите и придобивките за економијата со преку евро-атланските интеграции. Тој потенцираше и издвои неколку точки каде што ефектите ќе бидат воочливи.

„Со приближувањето до НАТО и ЕУ, државата ќе има пристап до многу работи, пред сè се отвораат набавките на НАТО. Јасно е дека ние не можеме да продаваме лансирни рампи и хеликоптери, затоа што немаме производство на оружје, но можеме да продаваме други работи што ги користи НАТО во логистичките услуги, како облека, храна и слично. Тука се отвора едно поле каде што сериозно би можело да се партиципира и би имале еден сериозен ефект“, рече Анѓушев.

Вицепремиерот покрај тоа што сподели конкретни позитивни примери од земји од нашата околина коишто имале придобивкиж со влегувањето во НАТО и ЕУ, со стопанствениците и бизнис заедницата ги сподели и очекувањата од европските фондови и веќе пристигнати предлози и иницијативи додека земјата се уште е во оваа фаза.

„Со присоединување во Европската Унија, може да добиеме многу. На пример кога Словенија влезе во НАТО, градоначалникот односно градот Љубљана доби 200 милиони евра помош. Доколку таква сума помош влезе во некои од нашите градови, тоа ќе значи решавање на многу проблеми. Факт е дека со самата желба да се припоиме до НАТО и ЕУ, веќе се разговара за сериозни финансиски средства од страна на Светска Банка и ЕБРД. Исто така при посетата на канцеларката Меркел беше истакната желбата од страна на Германија за сериозно да ја помогне економијата на Република Македонија, посебно со формирање на управувачки одбор од членови на двете влади и на тој начин Германија директно преку свои грантови и преку кредитирање од сопствените финансиски институции, да даде сериозен импакт кон развојот на македонската инфраструктура“, информираше Анѓушев.

„Пред нас се отвора една голема шанса. Охрабрува тоа што економската заедница и стопанството стои позади овој референдум. Јас и лично го поддржувам овој референдум, затоа што нема друга опција ниту решение. Мора да го направи ова и за државата, за перспективите и на економијата и на нашите деца“, заклучи вицепремиерот.

На трибината организирана од Стопанската комора на Македонија, покрај голем број стопанственици и претставници на бизнис сектор, беа присутни и претставници на локалната самоуправа предводени од градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.