50 години патување воопшто не е малку, независно какво и да било. Но, ако било исполнето со хумор, па дури и на сите останати сте им го разубавувале мрачното секојдневние, тогаш се причина уште повеќе да се навраќате, да споделувате. На наше огромно задоволство за Чекинг, Точка еден од најзаслужните за хуморот и сатирата во Македонија, Васко Тодоров од една гооолема географска дистанца, зборува за Македонија, неговата незаборавна дестинација.
Што ти недостасува од Македонија?
Васко Тодоров: Најмногу ми недостасуваат природните убавини, од кои што би ги извоил, Охрид, кањонот на Радика, плоштадот во Скопје, Козјак, крстот во Аеродром, Пелистер, Галичица, крстот на Водно, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Од се што набројав дел се природни, дел се натприродни убавини!
На кое место најдобро се опушташ?
Васко Тодоров: На петљата каде што се двои патот за Ињево и Дедино и на делницата помеѓу Долни Балван и Облешево.
Што ти недостасува од македонска храна и пијалоци?
Васко Тодоров: Гиро, хамбургер, пица и лазањи, а од пијалок, џин тоник и водка џус...Шала на страна ништо не ми фали, затоа што овде има се што има во Макеоднија: и македонски продавници и кафани со македонска храна, а посебно македонски пијалоци, барем тие мене што ме интересираат, а тоа е логично, затоа што мислам дека во последните години бројот на Македонците овде ништо чудно да е поголем од бројот на Македонците во Македонија!
Предреферендумски како социолог, што би им порачал на политичарите?
Васко Тодоров: Па, би им порачал по една пијачка, за јадење нема да имам пари, многу се накотија.
Твоето 50 годишно патување во Македонија било исполнето со многу интересни случки. На кои се присетуваш сега кога си далеку?
Васко Тодоров: Па да, сум имал разни случки, меѓутоа најинтересни ми се две во Скопје, кои што никогаш нема да ги заборавам, имам три во Охрид, една случка во Битола, таа исто беше топ и две во Штип! Сум имал и многу други, меѓутоа овие случки некако би ги извоил како посебни!
Планираш ли да се вратиш во Македонија?
Васко Тодоров: Одамна си забранив било какво планирање затоа што секогаш кога сум планирал нешто испаѓало обратно! Мислам дека во Македонија да испланираш нешто и тоа да се реализира, спаѓа во научна фантастика! Моето искуство е такво и на сите што ги знам, секоја чест на исклучоците.