ВМРО-ДПМНЕ: Никој во државата не знае на што се трошат милионите кои ги позајмува власта

Макфакс

19/09/2018

10:01

761

Големина на фонт

а а а

Десетици милиони евра расипнички се фрлаат за Зоран Заев да го покрие капитулантскиот договор и да го оправда прифаќањето на грчките линии, наведуваат во соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека граѓаните сами ги плаќаат со десетици милиони евра манипулациите на Заев со кои, како што велат, се обидува да ги убеди дека е добро да се самоукинат и да ги сменат името, идентитетот, културата, традицијата и историјата кои ги наследиле од нивните претходници.

„Власта не запира со расипништвото, СДСМ вчера ја задолжи државата за нови 57 милиони евра. Владата се расфрла и купува гласови со пари на граѓаните, а веќе стигнуваат ратите за исплата од кредитите кои истите ги позајми пред година дена. Милионите, задолжувања се редат, а во реалноста не гледаме каде завршуваат парите. Нема проекти. Капиталните инвестиции се на децениско најниско ниво од 21.33% за првите 7 месеци од годината. Никој во државата не знае на што се трошат милионите позајмени, за кои годишно плаќаме огромни камати“, стои во партиското соопштение, во кое се додава дека со СДСМ на власт, јавниот долг за првпат во историјата на државата надминал 5 милијарди евра, а државниот 4 милијарди.

Од опозициската партија истакнуваат дека доколку ова темпо продолжи на среден рок, се доведува во прашање ликвидноста на државата.