Заев благодарен за поддршката, ја пофали кампањата на ЕУ

Макфакс

18/09/2018

11:19

1.032

Големина на фонт

а а а

Скринингот за спроведените реформи во Македонија ќе почне на крајот од месецов, а, пак, до јуни 2019 ќе се спроведат двојно повеќе реформи во клучни области како што се владеење на правото, борба против корупцијата, реформи во јавната администрација и реформи во разузнавачките служби, најави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан.

Тој потенцираше дека пријателската поддршка од лидерите на ЕУ е добредојдена бидејќи помага Македонија да се подобри и да биде спремна за преговорите за членство во ЕУ.

„Граѓаните високо ја ценат поддршката од Европската Унија за унапредување на нашата држава. Нагласувам дека и со денешната посета на големиот пријател на Македонија, комесарот Хан го потврдува токму тоа. Јас имам само пофални зборови за кампањата што ја спроведува ЕУ под слоганот ‘Замисли иднина заедно’, која на практичен начин ги потсети граѓаните за нераскинливите врски на Македонија со ЕУ“, рече Заев.

Прашан за можното руско влијание во земјава околу референдумот, премиерот рече: ,,Ние немаме докази или аргументи дека Русија има некое влијание овде во однос на референдумот. Јасно е дека Русија не е среќна со проширувањето на НАТО во Македонија и тоа го коментура дури јавно, но нема нема алтернатива за граѓаните освен интеграција во ЕУ и НАТО. Сакаме да развиваме добри односи со сите”, рече Заев.

„Круна на нашиот напредок ќе биде почнување на преговорите за членство во Европската Унија во јуни 2019 година. Граѓаните на Македонија никогаш не се чувствувале поблиски и подобредојдени во ЕУ, освен сега. Тоа чувство се издвои и со дадената можност во Европскиот парламент да говорам на свој мајчин, македонски јазик“, додаде Заев.

Премиерот рече дека клучната одлука ќе ја направат граѓаните на 30 септември.