Заменик-претседателката во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска на заедничката прес-конференција со секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис, потсети дека за првпат во нашата историја како независна држава ни се случува во една година, за помалку од 6 месеци, секретар за одбрана на САД и македонски министер за одбрана да имаат 2 средби, во Вашингтон и во Скопје.
Според неа, тоа говори и за личната заложба на секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави, Џејмс Матис, за Македонија и нејзиното членство во НАТО.
„Се наоѓате во една Македонија која е поинаква од државата што ја гледавме до пред нешто повеќе од една година. Денес Македонија е земја со покана од НАТО, без отворени прашања со своите соседи, претставува пример за соработка во регионот, и земја подготвена од докажан партнер да стане сојузник и член во најуспешниот безбедносен и политички сојуз. Немаме дилема дека нашата иднина е во НАТО-алијансата, на иста маса со Соединетите Американски Држави и со другите сојузници“, рече министерката Шекеринска.
Шекеринска изрази уверување дека македонските граѓани на претстојниот референдум на 30 септември ќе ја препознаат шансата и ќе се изјаснат за Македонија, безбедна и просперитетна, членка на НАТО-алијансата и Европската Унија.
„Се сеќавам на Вашите зборови во Пентагон, дека не сакате да ја видите Македонија запрена пред вратите на НАТО. Во меѓувреме помогнавте Македонија да ја добие поканата од НАТО, а денеска сте тука, во Македонија. Убедена сум дека на 30 септември граѓаните ќе се изјаснат дека се за Македонија која ќе биде безбедна, сигурна, просперитетна, економски развиена, за Македонија која рамо до рамо со САД и со другите сојузници помага во градењето на заеднички мир и просперитет“, заклучи министерката.