Иванов до Матис: Иако не сме во НАТО, нашата армија е НАТО компатибилна благодарение на САД

Макфакс

17/09/2018

14:36

932

Големина на фонт

а а а

Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД, истакна претседателот Ѓорге Иванов на средбата со секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави, Џејмс Норман Матис.

Двајцата соговорници разменија мислења за тековните политички случувања во земјава, за евро-атлантските перспективи и билатералната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста.

Македонскиот претседател истакна дека пристапувањата во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион.

Иванов потенцираше дека Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД и дека и натаму ќе се залага за безбедноста, слободата и демократскиот напредок на регионот и активно ќе придонесува во заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани на глобално ниво.

Иванов се заблагодари за поддршката што САД ја даваат на Македонија со цел унапредување на реформите во одбраната и безбедноста, како од аспект на финансиска, така и практична и техничка поддршка преку учество во заеднички обуки, вежби и мисии. Тој изрази задоволство и од соработката со Националната гарда на Вермонт.

„Иако не сме во НАТО, нашата армија е НАТО компатибилна, и за тоа сме им благодарни на САД. Тоа е влог во иднината. Мораме да бидеме подготвени за новите закани и новите предизвици“, порача претседателот Иванов на средбата со секретарот за одбрана на САД.

Македонскиот претседател истакна дека македонската армија со својата професионалност и високо рангирана борбена подготвеност е докажан партнер на НАТО и континуирано придонесува во меѓународните мировни мисии на алијансата.

Интензивирањето и унапредувањето на севкупните билатерални односи со САД, додаде претседателот Иванов, се од долгорочен интерес за Република Македонија.

Двајцата соговорници разменија мислења и за предизвиците и очекувањата за иднината на регионот на Југоисточна Европа.