„Да се искористи шансата“ – Димитров и Сарацин разговараа за референдумот

Макфакс

17/09/2018

13:44

1.856

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари работна средба со Мануел Сарацин, пратеник од редовите на Зелените и член на Комитетот за Европската Унија во германскиот Бундестаг, соопшти Министерството за надворешни работи.

Во рамки на средбата, Димитров изразил благодарност за целокупниот активен придонес и силната поддршка од официјален Берлин, во насока на успешно спроведување на ЕУ и НАТО реформската агенда на Македонија. Димитров, како што соопштија од Министерството, се осврнал на тековните внатрешно-политички состојби и за развојот на кампањата за претстојниот референдум и предизвиците за целосна имплементација на договорот од Преспа со соседна Грција.

Пратеникот Сарацин ја потврдил поддршката од Бундестагот за напорите на државата и реформските процеси потребни за интеграција во ЕУ и членство во НАТО. Притоа ставил акцент и на важноста од искористување на историската шанса и, преку успешен резултат на референдумот и имплементација на договорот од Преспа, обезбедување евро-атланската иднина на земјата и нејзините граѓани.

На средбата било изразено заемно задоволство од динамизираната соработка со Парламентот на Германија во изминатата година, која се рефлектира преку бројни посети и средби, а беа разгледани и актуелни прашања од регионален и поширок контекст, соопшти Министерството за надворешни работи.