Заев: Немам докази за руско влијание, Русија е пријател на Македонија

Макфакс

17/09/2018

11:44

1.395

Големина на фонт

а а а

Првиот човек на Владата, Зоран Заев изјави дека нема докази за руско влијание во земјава.

„Руската Федерација е пријател на Македонија и таа нема ништо против интеграциите на Македонија во Европската Унија, но е против нашата интеграција во НАТО. Ние се обидуваме да објасниме дека за нас не постои алтернатива, освен целосна интеграција во ЕУ и НАТО“, изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање на конференцијата посветена на слободата на медиумите во регионот.

Тој додаде дека Македонија сака да гради пријателство со сите земји, вклучително и со Руската Федерација.

Одговорот на Заев следи по изјавата на секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис кој пред слетувањето во Скопје, за странските медиуми изразил загриженост од можно мешање на Москва околу референдумот во земјава.

„Нема сомнение дека Москва финансира проруски групи во Македонија со цел неуспех на референдумот за името на земјата. Тие префрлија пари, а исто така, спроведуваат кампањи за пошироко влијание”, изјавил Матис пред новинарите во авионот за време на летот до Скопје.

,,Треба да го оставиме македонскиот народ сам да одлучи”, оценува американскиот министер, осудувајќи ги руските напори да ги искористат своите пари и влијание за да се изгради опозиција на претстојното гласање што на земјата ќе ѝ го отвори патот до НАТО – на што Москва се противи.