Џејмс Матис допатува во Скопје, загрижен е за мешањето на Москва во резултатот на референдумот

Макфакс

17/09/2018

10:24

4.248

Големина на фонт

а а а

Американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, утринава слета на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и беше пречекан од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и амбасадорот Џес Бејли.

,,Секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис, пристигна во официјална посета на Македонија за лично да ни ја пренесе поддршката на САД. Ова е прва посета на американски секретар за одбрана по 14 години. За првпат во историјата – втора средба на човек на оваа клучна позиција во американската администрација со македонски колега, во иста година. Тоа доволно зборува за личната заложба на секретарот Матис за членството на Македонија во НАТО. Силна поддршка која високо ја цениме”, објави на официјалната фејсбук-страница министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Странските агенции и весници објавуваат дел од разговорите со Матис остварени за време на летот кон Македонија. ,,Нема сомнение дека Москва финансира проруски групи во Македонија со цел неуспех на референдумот за името на земјата. Тие префрлија пари, а исто така, спроведуваат кампањи за пошироко влијание”, изјавил Матис пред новинарите во авионот за време на летот до Скопје.

,,Треба да го оставиме македонскиот народ сам да одлучи”, оценува американскиот министер, осудувајќи ги руските напори да ги искористат своите пари и влијание за да се изгради опозиција на претстојното гласање што на земјата ќе ѝ го отвори патот до НАТО – на што Москва се противи.