ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски призна дека се губи институционалниот идентитет

Макфакс

15/09/2018

13:20

1.691

Големина на фонт

а а а

СДСМ призна дека македонската телевизија нема да биде македонска. Стево Пендаровски призна дека се губи институционалниот идентитет. СДСМ призна дека и МАНУ, нема да си го задржи името, туку дека ќе мора да го смени. Стево Пендаровски собра храброст и го кажа она што Заев не смее да го каже, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Стево Пендаровски призна дека Македонија само губи со договорот со Грција, а не добива ништо. Пендаровски призна, но Заев уште се плаши, затоа и бега од дебата и соочување, затоа што нема аргумент за губењето на институционалниот идентитет, историјата, културата и традицијата. Заев бега затоа што договорот кој го потпиша неговата влада е на директна штета на Република Македонија и ги понижува граѓаните. Заев бега од дебата затоа што нема одговор на прашањето зошто и дава алатка на Грција за блокирање на Република Македонија кон нејзиниот пат кон ЕУ со Комисијата за ревидирање на историјата, културата и археологијата“, велат од партијата.

Овој договор, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, е штетен и власта го знае тоа, затоа и бегаат од одговори. ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува овој штетен договор, ниту некогаш ќе го поддржи. „Граѓаните се достоинствени, чесни и умни и знаат како да постапат на 30 септември. Тие сами треба да одлучат со разум и со срце како ќе се постават кон капитулантскиот договор и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја почитува нивната волја. Зоран Заев човекот кој го промовира овој договор мора што побрзо да си замине од власт, пред штетите што ќе ги направи на државата да бидат ненадоместливи. Сите кои што не се согласуваат со срамните отстапки на Заев кои ги прифаќа само за да го покрие сопствениот криминал, Ги повикуваме да ни се придружат на протестен марш во недела со почеток во 13:00 часот пред црквата Св. Никола во Штип“, се вели во соопштението.



Спонзорирани линкови

Маркетинг