Заев во Стразбур: Европските пратеници ја препознаваат Македонија како партнер од доверба

Макфакс

13/09/2018

17:52

1.510

Големина на фонт

а а а

Непосредно пред своето обраќање на парламентарната сесија на Европскиот Парламент во Стразбур, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев имаше средба со Претседателот на ЕП, АнтониотТајани, кој истакна дека европските пратеници ја препознаваат Република Македонија како партнер од доверба во справувањето на предизвиците на Европската Унија.

Премиерот Заев на средбата со Тајани се заблагодари за поканата и за честа што му е укажана да им се обрати на европските пратеници и да информира пред ЕП за постигнатите реформи и одлучувачкиот договор со Република Грција, со што се откочија процесите за забрзување членството на Република Македонија кон ЕУ.

Заев истакна дека нашата земја затвори долгогодишни прашања со соседите, а внатре во земјата го негува концептот „Едно општество за сите“, како докажана европска вредност.

На средбата двајцата соговорници разменија мислења и за претстојниот референдум во нашата земја, од кој се очекува одобрување за договорот со Грција и за чекорите што следуваат за финализирање на евро-атлантските интеграции.

Во рамките на својата посета на Стразбур, Заев, каде што на покана на Европскиот Парламент им се обрати на европратениците, се сретна и со делегација на пратеничката група на социјалдемократските партии во Парламентот.

Шефот на пратеничката група УдоБулман,и европските пратеници Кнут Флекенштајн и ТониноПицула, му посакаа топло добредојде на премиерот Заев, и изразија силна поддршка за историските одлуки на Владата на Република Македонија за договорот со Грција, како и за успешното спроведување на реформите.

Европските пратеници, социјалдемократи, нагласија дека има неподелено признание во Европскиот Парламент за стратешки решенија за иднината на Република Македонија. Тие решенија се уште позначајни бидејќи се остварени во духот на најдобрите на европски вредности.

Премиерот Заев на средбата со европските пратеници изрази благодарност за силната поддршка на европските лидери кои со својот ангажман во одделни фази од процесот и со охрабрувањето, создадоа оптимистичка атмосфера за поттик и за успешно спроведување на чекорите што ги прави Република Македонија во нејзините аспирации за членство во ЕУ.

Премиерот Заев додаде дека поканата да им се обрати на европските пратеници во Европскиот Парламент е јасна поддршка за насоката во која се движи Република Македонија и дополнителен импулс да се зајакнат и забрзаат реформите дома до датумот за преговори идната година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг