Обвинителот од СЈО, Гаврил Бубевски ги оцени како неосновани сите жалбени наоди поднесени од адвокатите на обвинетите. Еден по еден, ги наведе сите околности кои СЈО смета дека се контра жалбите на обвинетите. Бубевски рече дека се неосновани жалбите на адвокатите за ангажираните вештаци и нивните трошоци направени за вештачењето.
„Во тоа време немаше вештак што сакаше да работи за СЈО”, рече Бубевски и дополни дека трошоците на ангажираната фирма „ЕОС Консалтинг” се реални. Тој потенцираше дека Ѓоко Поповски го сторил кривичното дело и во 2 електронски пораки ја добил техничката спецификација за фирмата „Мак Ауто Стар” да нема конкуренција за набавката на „мерцедесот”, односно дека условите на тендерот се направени така, за да не се јави ниеден друг економски оператор.
Обвинителот рече дака пресудата не се темели само на бомбите, а и самите прислушувани материјали со решение на Апелацискиот суд се прифатени да бидат доказ во постапката. Бубевски посочи и дека на Груевски не му застарува делото, бидејќи тој е обвинет во уште 4 други активни обвиненија за кои течат судските постапки во Кривичниот суд во Скопје и оттука настапил прекин на застарувањето на кривичното дело.
Ѓоко Поповски рече дека не учествувал во изготвување тендерската документација т.е. спецификација и дека на неговиот службен меил стигнувале секојдневно многу пораки. Поповски пред судот додаде и дека ниеден од 15 оператори кои ја подигнале тендерската документација, не се жалел на одлуката на Комисијата за избраниот економски оператор.
„Во оваа чудесна земја кога не може по коњот, удрете по магарето”, рече Поповски на крајот.