Апелација: Не се точни тврдењата на Груевски дека веќе е донесена осудителна одлука за него

Макфакс

04/09/2018

21:02

2.227

Големина на фонт

а а а

Апелациониот суд Скопје, во целост ги демантира наводите изнесени на прес-конференцијата од страна на обвинетиот Никола Груевски, во врска со предметот „Тенк“.

„Наводите на обвинетиот се во целост невистинити, исконструирани и тенденциозни со цел да се дискредитира судот и да создаде лажна перцепција во јавноста, дека судството е под притисок на власта и носи нарачани одлуки. Тврдењето на обвинетиот Никола Груевски на прес-конференцијата дека поседува сигурни извори дека судиите на Апелациниот суд Скопје, биле повикувани поименично еден по еден кај ВД Претседателот на судот, дека подлегнале на притисоци и дека веќе е донесена одлука за негова осуда, за предмет за кој се уште е во тек јавната седница, претставува груба невистина и манипулација со јавноста“ се наведува во соопштението од Апелација. 

Од таму ја информираат јавноста дека предметот е распределен кај судијата известител согласно АКМИС системот, а советот постапува според годишниот распоред за работа на судиите донесен од страна на Претседателот на судот, согласно Судскиот деловник.

„Јавната седница е закажана согласно Закон, по барање на обвинетите и нивните бранители, за која беа определени два дена, со цел одбраната и обвинетите да ги изнесат нивните наводи во врска со обжалената пресуда. Времетраењето на јавната седница одржана на 31.08.2018 година беше пролонгирано поради последователни- едно подруго поднесувани барања на одбраната за изземање на судиите, со јасна цел истата да не се одржи, поради која причина и се одолговлекуваше траењето на јавната седница, а која по нејзиното започнување беше прекината и за продолжението на истата дополнително беше определен уште еден термин, усогласен со одбраната и обвинетите“ се додава во соопштението.