Пучистичката власт во Скопје е во целосен очај и паника бидејќи знае дека македонскиот народ и поголем дел од граѓаните нема да излезат на референдумот и ќе бојкотираат со цел да спречат бришење на Македонците од светската мапа на нациите, порачаа од Единствена Македонија.
„Најново, вчера видовме најава за брутално кршење на дипломатското право од страна на амбасадорите на земјите членки на ЕУ, кои отворено најавија дека од 1 септември на терен ќе водат референдумска кампања со веќе познатите шарени лаги дека членството во геноцидните и фашистичките организации ЕУ и НАТО значи дека во Македонија ќе потече мед и млеко и сите во Македонија ќе станат богати и ќе уживаат во благосостојба“, велат од Единствена Македонија.
Според Виенската конвенција за дипломатски односи, како што велат од партијата, ваквото отворено мешање на амбасадорите во внатрешните работи во секоја нормална држава веднаш се санкционира со нивно протерување од државата каде што ја вршат дипломатската функција.
„Инсталираната Влада во Скопје, покрај трошењето милиони евра народни пари во кампањата, ќе ги вклучи и белосветските дипломатски никаквеци во обидот да избришат сè што е македонско, меѓутоа македонскиот народ ќе ја добие оваа битка оти во своите раце го има најсилниот аргумет: не сака промена на името, идентитетот и членство во НАТО и ЕУ и сака да остане свој на своето“, се наведува во соопштението.