Мицкоски: И покрај трговијата со идентитетот и бројните афери, се случува крах во економијата

Макфакс

24/08/2018

13:20

1.269

Големина на фонт

а а а

Во периодот кога не престануваат криминалите на владата на СДСМ, не сопираат скандалите со криминалните иновации и скандалите во Министерството за здравство, продолжува распродавањето на државните интереси, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски во своето обраќање посочува дека трговијата со идентитетот е само еден дел од хаотичното управување на Владата. Зад оваа завеса, зад бројните шпекулации, наметнати теми за дефокус се случува, вели тој, крах во економијата.

„Поразителната 2017 година во која македонската економија забележа нула раст, односно најнизок раст во Европа, по сè изгледа ќе се повтори и во 2018 година. Така растот во првиот квартал од 2018 година изнесуваше 0,1%, а економските параметри за вториот квартал укажуваат дека повторно растот ќе биде најнизок во Европа. Со тоа 2018 година ќе биде втора изгубена година за македонските граѓани, односно повторно година на економска стагнација“, изјави Мицкоски.

Владата нè задолжува нас и идните генерации, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и додава дека според официјалните податоци на Министерството за финансии вкупниот јавен долг изнесува 47.7%, што во однос на претходниот квартал претставува пораст од 0.5 процентни поени. Но уште повеќе загрижува начинот на кој Министерството за финансии, вели Мицкоски манипулира и погрешно го пресметува долгот за да ја прикаже розoвата состојбата во македонската економија.

„Според Народната bанка на Република Македонија, јавниот долг изнесува 48.2% или 0.5 процентни поени повеќе од податокот на Министерството за финансии. Дополнително почитувани сограѓани, само во месец август до сега СДСМ ги задолжи граѓаните за повеќе од 43 милиони евра, а од почетокот на годината долгот е зголемен за неколку стотици милиони евра“, посочи Мицкоски.

Тој во своето обраќање ги спомена и младите и посочи дека тие освен тоа што се заборавени од Владата, таа им нанела уште еден удар.

„Имено, нискобуџетската компанија ‘Визеир’ веќе најави дека дел од линиите ќе ги скрати, а можеби и трајно замина од нашата држава, што е директен резултат на неработењето на Владата на Република Македонија. Со оваа политика, бумот кој постоеше во авиосообраќајот најверојатно ќе сопре“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Афера до афера, пораз до пораз, СДСМ треба да си замине од власт и граѓаните да одат напред, посочува Мицкоски во своето обраќање.



Спонзорирани линкови

Маркетинг