Кризниот штаб за бојкот на референдумот побара пари од Владата за нивната кампања

Точка

20/08/2018

14:49

1.676

Големина на фонт

а а а

Јанко Бачев, Солза Грчева, Љупчо Палевски или, како што самите се нарекуваат, Кризен штаб против референдумот, поднесе барање до Владата за одобрување финансиски средства за кампањата што ќе ја водат за претстојниот референдум.

Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, по доставување на барањето изјави дека кампањата на Владата за претстојниот референдум е целосна лага и оти не е точно дека влезот на Македонија во НАТО и ЕУ е од јавен интерес.

– Јавниот интерес на Република Македонија е да членува во меѓународни организации, но не во ЕУ и НАТО, туку во некои други. Ние, како кризен штаб бараме финансиски средства, онолку колку што Владата ќе издвои за својата кампања за референдумот, ниту денар повеќе, рече Бачев.

Тој исто така истакна дека во Кризниот штаб се вклучени уште 28 други организации, кои доколку Владата не издвои средства за кампањата, ќе се финансираат од своите буџети.

Бачев рече дека е отворена сметка во странство на која досега се собрани 4000 долари за кампањата на Кризниот штаб од дијаспората.

Пред медиуми се обрати и претседателката на партијата Глас за Македонија, Солза Грчева, која рече дека го повикуваат народот да го бојкотира референдумот, но за тоа им требаат пари.

Од Кризниот штаб повикаа да се следат примерите на модерните демократии, конкретно брегзитот, каде британската влада овозможи еднаква сума на пари на двете страни за предреферендумската кампања.



Спонзорирани линкови

Маркетинг