Министерството за одбрана на располагање ќе стави нешто помалку од 60 милиони денари за кампањата за референдумот. Ова го изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање во рамки на Отворениот ден на АРМ.
„Министерството за одбрана е едно од оние кои најмногу би требало да ги интересира нашиот стратешки приоритет, па испративме информација дека на располагање ќе ставиме нешто помалку од 60 милиони денари, кои беа планирани за слични активности, но сметаме дека подобро ќе ги искористи Собранието, а не ние поединечно“, рече Шекеринска.
Таа додаде дека на следната владина седница, што ќе се одржи в среда наутро, официјално ќе биде одредена сумата наменета за референдумската кампања.