По повод одбележувањето на Денот на АРМ, денеска, на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, од 10 до 14 часот ќе биде поставена изложба на борбени средства, техника и опрема на Армијата, информираат од Генералштабот на АРМ.
Изложбата во 11 часот ќе ја посетат и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски.
„Армијата на Република Македонија ги поканува граѓаните на Скопје и на Републиката да го посетат тактичко-техничкиот збор, каде што ќе имаат можност, покрај материјално-техничките средства, борбените возила и вооружувањето на АРМ, да се запознаат и со армискиот хеликоптер ‘ми-8/18’“, се наведува во соопштението.
Како дел од програмата ќе бидат прикажани и борбените вештини на припадниците од баталјонот за специјални намени „Волци“, точката „егзирцир“ на баталјонот за почести, прелет на хеликоптер „ми-8/18“, приказ на обученост на службените кучиња на АРМ и изведби од воениот оркестар.