Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска се сретна со претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, и членовите на Државната изборна комисија.
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата заеднички била нагласена важноста од професионално и транспарентно работење на Државната изборна комисија пред и на денот на престојниот референдум со цел доверба на сите граѓани и политички субјекти во процесот.
„Референдумот е обврска од важен државен карактер. Сите институции се должни да соработуваат со Државната изборна комисија. И Владата стои на располагање, на принципиелно ниво, во согласност со законските овластувања, да обезбеди реализација на законските потреби на ДИК и тоа ќе го направиме“, рекол на средбата Заев.
Претседателот на ДИК, Дерковски, и членовите на ДИК посочиле дека работат професионално, штедливо и домаќински и дека ќе продолжат во таа насока за достоинствено да одговорат на законските обврски пред граѓаните.
„Верувам дека секој ја знае својата професионална и човечка одговорност за овој важен процес, должни сме сите професионално да си ја завршиме работата“, додал премиерот.
На средбата на Заев со членовите на ДИК се разговарало и за медиумската кампања поврзана со референдумот, за потребата од почитување на законските одредби поврзани со кампањата за референдумот од страна на сите фактори, како и за финансиските средства што му се потребни на Собранието за спроведување на медиумската кампања.