Тричлено семејство меѓу првите идентификувани жртви во трагедијата во Џенова

Макфакс

15/08/2018

13:16

3.027

Големина на фонт

а а а

Првите идентификувани жртви од трагедијата што се случи вчера во Џенова, кога дел од вијадуктот „Моранди“ се урна за време на силна бура, се од семејството Робијано-Пичини. Загинаа мајката, таткото и нивниот седумгодишен син.

Според медиумите, Роберто Робијано, неговата сопруга Ерсила Пичини и нивниот седумгодишен син Самоил загинаа кога нивниот автомобил падна со деловите од мостот од висина од 45 метри.


Тричленото семејство живеело во Кампомороне, недалеку од Џенова. Според „Ла стампа“, семејството тргнало на одмор на Сардинија кога се распаднал дел од мостот на кој тие биле во тој момент.

Нивниот автомобил подоцна беше пронајден во урнатините, а спасувачите во текот на пребарувањето нашле чадор и ќебе, како и телефон кој во тој момент заѕвонил, а на екранот пишувало „мама“. Никој од присутните не можел да ѝ се јави на бабата што сакала да се слушне со своите сакани. 


Друга идентификувана жртва на трагедијата во Џенова е Андреа Черули, фудбалер аматер и татко на малолетен син, кој, според извештаите на медиумите, загинал додека одел на работа. 

Локалниот клуб во кој рекреативно играше фудбал се огласи на социјалните мрежи. 

– Клубот ‘Портуали Волтер’ во Џенова се собра околу семејството на Андреа, нашиот соработник, нашиот пријател, нашиот колега, жртва на трагедијата на вијадуктот ‘Моранди’ – објави неговиот клуб на својата фејсбук-страница.