Владата не знае колку пари ќе потроши за кампањата за референдумот

Макфакс

15/08/2018

12:36

892

Големина на фонт

а а а

Референдумската кампања ќе се финансира од средства на министерствата, но Владата сè уште не знае колку пари ќе бидат потрошени, вели портпаролот Мухамед Хоџа.

На новинарско прашање дали референдумот е поважен од проектите на министерствата, Хоџа рече: „Ние оценуваме дека референдумското прашање е многу важно за иднината на Македонија“. 

Тој додаде дека кампањата сè уште не започнала. „Во идниот период ќе се утврдува како таа ќе се спроведува“, вели Хоџа, иако на социјалните мрежи веќе се објавени реклами поврзани со влез во ЕУ и НАТО.

Според Венецијанскиот кодекс за добри референдумски постапки, донесен во рамки на Советот на Европа каде Македонија е членка, употреба на јавни фондови од страна на властите во кампања за референдум мора да биде забранета.

Хоџа за оваа легислатива вели дека планот се подготвува, а во идниот период ќе се разгледуваат законите за финансирање.

„Не се разговарало за средства, бидејќи треба програма за спроведување на кампањата за референдумот. Владата со посебен заклучок ги ангажираше сите министерства во рок од три дена да достават до Министерството за финансии колку средства имаат на располагање за референдумот“, рече Хоџа.