Владата донесе одлука за спроведување кампања за референдумот

Макфакс

14/08/2018

20:31

2.365

Големина на фонт

а а а

Владата донесе одлука да спроведе процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес – кампања за референдумот. По потпишувањето на Конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор со цел граѓаните да одлучат дали се за членство во ЕУ и НАТО, Владата попладневно соопшти дека носи одлука да спроведе процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес – кампања за референдумот.

Во планирањето и спроведувањето на информативната кампања за референдумот, Владата како што информираат оттаму, ќе работи транспарентно и отчетно.

Во соопштението од Влада наведуваат дека ќе се следат јавни комуникации од интерес на јавноста, притоа наведувајќи ги стандардите за јавни комуникации.

„Релевантност: Конкретните информации кои се споделуваат треба да бидат од директна и суштинска надлежност на Владата и согласно Стратешките приоритети на Владата. Соодветно и неопходно е Владата да има можност да ги објаснува и образложува сопствените политики и одлуки и кога е неопходно, да ја информира, да и укажува, сугерира или предупредува јавноста“, стои во владиното соопштение.

Понатаму додаваат дека ќе има објективно и информативно комуницирање, односно како што посочуваат од Владата, комуникацијата треба да биде објективна и објаснувачка, и да не биде пристрасна или полемична. Комуникацијата во никој случај не смее да содржи неточни информации, говор на омраза или лични дискредитации. Владините информации или активности поврзани со публицитет треба секогаш да бидат насочени кон информирање на јавноста, дури и кога тоа исто така има задача да влијае на однесувањето на поединци или на одредени групи.

Во соопштението како следна точка се наведуваат непартиски комуникации, односно како што стои во соопштението „несоодветно е да се оправдуваат или бранат политики со користење пораки кои се типични за политичките партии, да се користат партиски слогани, да се промовираат партиски активности, или директно да се напаѓаат политики и мислења на опозициски партии и групации (иако можеби некогаш ќе биде неопходно да се одговори на истите на конкретен и коректен начин). Имајќи го предвид политичкиот повеќепартиски систем во Република Македонија, можно е определена добро воспоставена јавна кампања да создаде политички кредит или штета за партиите од власта или од опозицијата, но ова не смее да биде ниту директна ниту индиректна цел на владините информации или јавни активности кои се платени со јавни пари“.

Како последно во соопштението од Владата стои пропорционалност и рационалност, односно се наведува „соодветно искористување на ресурси кое ќе гарантира дека трошокот на јавните ресурси (финансиски, материјални, човечки) е ефективен за информирање или влијаење врз однесувањето на граѓаните, кое е од јавен интерес: Каналите низ кои се споделуваат информациите со јавноста треба да бидат организирани на економичен и соодветен начин, а за трошењетo на јавните пари треба да се известува. Владата е отчетна кон граѓаните и Парламентот за тоа на кој начин ги користи државните службеници или други јавни ресурси или расходи. Информативните кампањи од јавен интерес на Владата треба да се натпреваруваат за внимание од јавноста со други активности на публицитет односно со другите кампањи во општеството. За да бидат ефективни, тие треба да бидат презентирани на професионален начин т.е. на начин со кој јавноста добива јасна порака“. Притоа, велат од Владата, недозволива е лоша презентација што може да предизвика неефикасно трошење на јавни средства, без да се постигнат очекуваните резултати.

„Би било контрапродуктивно ако степенот на трошење на средствата за јавна кампања го попречи комуницирањето на пораките кои што треба да се пренесе. Неопходно е и ќе биде реализирано прецизно планирање на целите, мерките и системот за евалуација – на секоја комуникација која вклучува трошоци на ресурси со цел да се осигура ефективност и резултати во реализација“, стои во соопштението од Владата.