Владата на денешната владина седница го разреши директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски. Со БЈБ сега ќе раководи заменик директорот, Бесир Деари, бидејќи до овој момент одлука за именување на нов директор на Бирото нема.
Премиерот Зоран Заев претходно најави дека денеска ќе го прифати предлогот за разрешување на директорот на БЈБ, кој го поднел министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Премиерот меѓудругото посочи дека Велковски е исклучително важен за службата и еден од неговите први соработници, како и еден од првите соработници на министерот Спасовски. Тој нагласи дека за една година и два месеца, колку што постои оваа Влада, биле разрешени повеќе од 20 луѓе и дека кој и да згреши, треба да одговара, но додаде дека Велковски по разрешувањето останува во МВР, а тоа се должeло на неговото искуство.
МВР извести дека директорот Велковски на Илинден, без решение, со службен џип и обезбедување, ја испратил ќерка си во Грција оти тој бил зафатен со прославата.