Десетина повикани на распит во полиција за вчерашните инциденти во Крушево

Макфакс

03/08/2018

16:28

1.925

Големина на фонт

а а а

МВР сè уште истражува кои се лицата што вчера фрлаа со пластични шишиња по владините претставници и странската делегација присутни на манифестацијата за Илинден во Крушево.

Неофицијално, полицијата веќе идентификувала и повикала на распит во полициска станица десетина од учесниците во инцидентот. Се преземаат мерки и за расчистување на случаите со ширење говор на омраза, велат од МВР, а неофицијално ќе се испитува и дали има пропуст во безбедносните проценки.

Од Mинистерството за одбрана веќе соопштија дека на видеоснимките препознале припадник на АРМ во првите редови на толпата која ги предизвика инцидентите на Мечкин Камен. Иако војникот негирал дека тој учествувал во инцидентот, од Mинистерството формирале Комисија за покренување постапка против професионалниот војник. 

Вчера на официјалното одбележување на празникот Илинден на Мечкин Камен, повеќе здруженија кои се декларираат како патриотски, како и членови на навивачки групи скандираа и пееја навредливи песни, а потоа и гаѓаа со предмети по владините делегати и странските дипломати кои беа присутни на прославата. Единствениот кој доби поддршка од толпата беше претседателот Ѓорѓе Иванов, кој, пак, од пошироката експертска јавност, како и од дел од владејачките партии беше посочен како главен поттикнувач на тензии и нетрпеливост, затоа што во својот „илинденски “ говор испрати пораки за губење на македонскиот идентитет, укинување на македонскиот народ, редефинирање на државата и сл. 

Од кабинетот на pретседателот се оградија дека инцидентот го предизвикал говорот на Иванов и побараа Владата да преземе одговорност зошто народот е поделен и шири говор на омраза кон државните институции и неистомислениците.



Спонзорирани линкови

Маркетинг