По реакциите на некои од изведувачите за саботната манифестација во 15 града, се придружи и групата „Љубојна“, од каде што велат дека концертот е закажан многу порано пред да биде објавен во јавност, па затоа не знаеле за каков настан се работи.
„’Љубојна’ ќе настапи во свој манир, со добро познатата автентична програма и ќе продолжи и понатаму да ја презентира нашата музичка култура во земјата и светот, без никакви отстапки. Парите ќе бидат донирани за терапијата на едно болно детенце, како и на одделот за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ за понатамошен развој и истражувачка дејност. За лавината рекции од сите вас кои искрено ни се обративте, како и вие дежурни ФБ-душогрижници, ви благодариме и продолжуваме посилно. Музичарите не се и не треба да бидат бедем за револт и распетие“, пишува групата „Љубојна“ на социјалните мрежи.
„Макфакс“ се обиде да им се јави на Влатко Лозановски, Кристина Арнаудова, Елена Ристевска, Панчо и Андреј од ДНК, Перо од „Нокаут“ и Дани Димитровска, но ниту еден од нив не одговори на повиците. Дарко Манасијески, кој му е менаџер на Слаткаристика, немаше коментар за манифестацијата, договорот и деталите.
Музичарот Ферус Мустафов за „Макфакс“ вели дека пред некој ден му се јавиле да му понудат да настапува в сабота, при што тој прифатил.
„Јас понудив цена, тие веднаш ја прифатија. Ќе свирам чочеци“, вели Мустафов.
Според наши извори, повеќето од изведувачите не знаеле дека ќе настапуваат на прослава за поканата од НАТО. Договорите се веќе потпишани.