Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, бара од полицијата да биде гостопримлива кон иселениците што ќе дојдат во градот во следниот период и да не ги казнува затоа што носат пари во државава. Тој упати апел до граѓаните и полицијата да се покажат, како што вели, поширокогради и погостољубиви.
Апелот на градоначалникот Таравари ви го пренесуваме интегрално:
Почитувани граѓани на општина Гостивар, деновиве нашите иселеници доаѓаат во родниот крај за да ги поминат летните одмори. Најголемиот прилив се очекува викендов и во деновите што следуваат. Гостивар во соработка и со други институции и разни граѓански здруженија се залага годинава престојот на иселениците во својата татковина да им го направи што попријатен и што попривлечен. Иселениците престојуваат само неколку дена во родниот крај и во тие денови трошат и инвестираат толку многу пари што ја држат во живот економијата на државава.
Ако малкумина од нив, главно помладите, не се доволно дисциплинирани во сообраќајот и заедно со други млади од нашиот град се однесуваат на начин кој потешко може да го прифатат постарите генерации, сепак треба да бидеме малку поширокогради и потолерантни сè додека нивното однесување не остава последици или не претставува некоја посериозна повреда на законот и нормативите.
Оттука, и годинава упатувам апел до Полициската станица Гостивар, односно до командирот на полициската станица, да ги мобилизираат што поефикасно полициските службеници да бидат на ниво на задачата, повеќе да влијаат превентивно и што повеќе да асистираат за успешно справување со метежот во сообраќајот, без да се има потреба за казнени мерки.