Дел од музичарите тврдат дека се изиграни: Од Владата ни кажаа дека ќе настапиме на културна манифестација

Макфакс

13/07/2018

22:36

11.251

Големина на фонт

а а а

Дел од изведувачите кои утре треба да настапат на прославата што ја организира Владата за поканата за членство во НАТО јавно реагираат велејќи дека не биле информирани дека ќе настапат на манифестација по повод поканата на Македонија за влез во Алијансата, туку им било кажано дека ќе настапат на културна манифестација за што потпишале и договор.

„Ни кажаа дека е културен настан на кој ќе настапуваат повеќе артисти низ повеќе градови, без присуство на политички странки, говори, пропаганден материјал и слично. Станува збор за големо недоразбирање. Излезе дека повеќе артисти не знаеле за каков тип на настан станува збор, меѓутоа, некои од нас веќе имаат потпишано договор за настап за кој немаше подетални информации. Не се криеме и не бегаме од тоа дека настап на ваков настан не ни е во прилог и е против нашата идеологија, но се надеваме ќе разберете во која ситуација се најдовме без да сакаме и самите ние“, велат од бендот „Conquering Lion“, кои се против Македонија да влезе во НАТО.

Член на рап бендот С.А.Ф. Митко Гаштаровски-Пикисипи вели дека е против промена на името во Северна Македонија и на „Фејсбук“ напиша дека ќе настапи на прославата затоа што тоа било единствен начин да се сочува ова парче земја кое се вика Македонија.

„Ќе настапам како дел од формацијата С.А.Ф. затоа што тоа е единствен начин (според мене) да се сочува ова парче земја кое се вика Македонија без понатамошно делење итн.. Покана за НАТО???? Не под услов!!! Песните наши ги знаете, не се баш за славење. Единствена песна која е за прослава ‘Раце горе’ нема да ја изведуваме, бидејќи денеска или на 14 јули не се чувствувам дека треба да славам. Нека биде последен концерт засекогаш! Сите овие години откако творам како што знам, никому не сум украл ништо, мирно спијам. Никогаш не сум настапувал за некаква политичка опција. Изненаден од фактот дека сме добиле покана за НАТО и од желба да се видам со другарите реков – во ред, ако сакаат другите ќе дојдам и јас, но без политички амблеми. Морам да признам дека сум изненаден од блуењето од т.н. фанови кои веднаш знаат да маваат со камења. Јас ќе останам доследен на своето дело и тие што ќе бидат на концертот во Струга ќе може од прва рака да слушнат што мислиме како С.А.Ф. за новонастанатата ситуација. Истата оваа Влада (партијата) ни го цензурираше концертот од 1998 година кога беше напишан албумот. Сега нè кани на заедничка прослава, иако на плакатот нема партиски обележја“, напиша Гаштаровски-Пикисипи.

На „Фејсбук“ се огласи и Златко Ориѓански кој иронично вели дека за неговиот настап утре Владата ќе му плати 50 милиони долари и плац на Водно.

„Ме прашуваат за колку пари сум се нафатил да свирам на прославата, па еве јавно да одговорам. Нешто малку повеќе од оние кои ги земаа како провизија за автопатот и хонорарот за Ацо на плоштад, значи, побарав и ќе ми дадат 50 милиони долари и плац на Водно…Дали е во ред?“, напиша Ориѓански.

Адвокатот Јанаки Митровски од Скопје им понуди бесплатна правна помош на изведувачите кои сметаат и велат дека се изгирани.

„Повеќе артисти се јавија дека биле во заблуда, или на некој начин не знаеле во што се впуштаат кога потпишале договор за прослава на некаква си покана за НАТО. Заблуда, согласно законот за облигациони односи, е основ за раскинување на договор. Му нудам на секој артист бесплатна правна помош доколку сака да го раскине договорот. Доколку треба артистите да плаќаат пенали поради тоа, фер е да се помогне. И тоа прво од оние што сте најгласни. Отвараме сметка и донираме пари за таа цел. Јас прв донирам. Артисти охрабрете се, можеби ке изгубите еден хонорар ама ке добиете милион фанови, за интегритет да не збориме“, пишува Митровски на социјалните мрежи.

Откако вчера Владата објави дека ќе има прослава во 15 градови, се јавија бурни реакции во јавноста дека тоа е беспотребно трошење пари. Многумина, пак, реагираат на изјавите на дел од изведувачите дека биле изиграни и дека не знаеле за што се договараат да настапат.

Владата не знае колку пари ќе бидат потрошени за прославата што ќе се одржи во 15 града со 40 изведувачи. Извори за „Макфакс“ велат дека некои од договорите со изведувачите се потпишани уште пред еден месец, но од Владата тврдат дека конечната сума сè уште не ја знаат.

„Во наредните денови, кога ќе се утврдат сите детали за прославата, јавно и транспарентно ќе ги соопштиме сите информации за трошоците и организацијата на настанот“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Влада, за „Макфакс“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг