ЕУ и Германија остануваат силно посветени на регионот, Британија ги удвојува фондовите за Македонија

Макфакс

11/07/2018

10:51

1.423

Големина на фонт

а а а

Европската Унија и Германија, посебно низ Берлинскиот процес, остануваат и понатаму посветени на поддршката на афирмацијата на европските вредности во регионот, на проектите за поврзување и за регионална соработка и на проектите за обезбедување на безбедноста и сигурноста на регионот и на Европа и дека за идните проекти е предвидена и нова финансиска поддршка од фондовите на ЕУ, е заклучокот од завршната прес-конференција од самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон.

Британската премиерка Тереза Меј најави удвојување на финансиската поддршка за проекти за јакнење на јавната администрација во Македонија, како и помош за обука за дигитални вештини на еден милион деца од основните училишта од регионот, со цел да ја спознаат својата моќ во модерниот свет. Меј исто така како исклучително успешна приказна меѓу последните два самита ЕУ-Западен Балкан, го истакна историскиот договор меѓу Република Македонија и Република Грција при што им честиташе на премиерите Заев и Ципрас, потенцирајќи дека прогресот е возможен.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев на маргините на самитот имаше и кратка средба со канцеларката на Германија Ангела Меркел, на која ја запозна со подготовките за претстојниот референдум за реализација на одредбите од договорот за решение на македонско-грчкиот спор и за стратегиско партнерство.

Интензивната работна агенда на Самитот заврши со заедничка прес конференција на премиерката Тереза Меј, на канцеларката Меркел и на еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ Јоханес Хан.

На Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Лондон, учествуваа лидерите на земјите од регионот, Тереза Меј како премиерка на земјата домаќин на Самитот, канцеларката на Германија, Ангела Меркел и еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан.



Спонзорирани линкови

Маркетинг