Поповски: Не се крие ниту еден детаљ во врска со случајот на загинатото момче

Макфакс

10/07/2018

17:16

4.502

Големина на фонт

а а а

Во случајот со младиот Никола Саздовски, чијшто живот, за жал, згасна прерано, јавноста е целосно и навремено информирана за активностите кои ги преземаа и сè уште ги преземаат сите владини надлежни институции, се вели во соопштение од Кабинетот на министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.

„Владата на Република Македонија е пример за транспарентност, отчетност и одговорност кон граѓаните. Не постојат информации или какви било податоци што се прикриваат или не се достапни за медиумите и граѓаните на Република Македонија“, стои во соопштението.

Од Кабинетот на Поповски додаваат дека Министерството за внатрешни работи веднаш по несаканиот инцидент за настанот објавило информација во дневниот билтен, а во наредните денови биле приведени и двајца од тројцата сторители.

Оттаму, ги повикуваат сите државни институции да ја завршат постапката во однос на случајот транспарентно и со целосна посветеност во интерес на правдата.

Во соопштението се наведува дека Владата на Република Македонија упатува сочувство кон семејството на починатото момче, како и апел до сите граѓани да се почитуваат различностите, да не се употребува говор на омраза кој директно ја поттикнува спиралата на омраза.

На крајот, од Кабинетот на Поповски истакнуваат дека крајно некоректно е трагичната смрт на Саздовски да се користи за политичко профитирање.



Спонзорирани линкови

Маркетинг