Како странските медиуми ја пренесоа веста – доделен датум за ЕУ или одложена одлуката за Македонија?

Макфакс

28/06/2018

14:24

4.530

Големина на фонт

а а а

Странските медиуми имаа многу поразличен пристап од домашните кога се работи за одлуката на Европската Унија за доделување датум за преговори за Македонија. Додека дел од домашните медиуми објавија дека на земјава ѝ е доделен датум за преговори во јуни 2019 година, дел, пак, објавија дека ѝ е доделен условен датум, а дел, пак, дека воопшто не ѝ е доделен датум за ЕУ.

Голем дел од познатите релевантни европски и американски медиуми објавија наслови со кои веста се пренесува со генерален впечаток дека одлуката за доделување конечен датум за Македонија и Албанија е одложена, но и покрај тоа земјава добила „претпазливо“ зелено светло за преговорите за една година доколку продолжат реформите.

„Фајненшл тајмс“ објави наслов со зборовите „Македонија се соочува со 12-месечно чекање за преговорите за прием во ЕУ“, додека во поднасловот се известува дека одложувањето може да го комплицира одобрувањето на Договорот со Грција за името на земјата.

Американскиот „Вашингтон пост“, кој пренесува вест од агенцијата „Асошиејтед прес“, објави наслов „Преговорите за членство во ЕУ за Албанија, Македонија закажани за јуни 2019 година“. Понатаму во текстот се вели дека Европската Унија се согласила да отвори разговори за членство во Унијата со Албанија и Македонија за една година доколку реформите во двете земји продолжат да се развиваат.

„Ројтерс“ известува дека „ЕУ ги одложила разговорите за балканско членство откако Франција бара реформи“. „Владите на Европската Унија во вторникот ја одложија одлуката за најмалку една година за дали да се дозволат преговори за членство со Македонија и Албанија откако Франција и Холандија не се согласија со Германија и бараа повеќе реформи. Неочекуваниот резултат и покрај широката поддршка во ЕУ, ја покажа одлучноста на францускиот претседател Емануел Макрон да ја одложи одлуката по изборите на Европскиот парламент во мај, поради стравот од антиимигрантско расположение, велат дипломатите“, пишува медиумот.

Германската „Дојче веле“ објави дека ЕУ ќе почне преговори за членство со Македонија и Албанија, а потоа пишува дека дел од земјите членки изразиле загриженост поради корупцијата и владеењето на правото во двете земји.

„Политико“ пренесе дека ЕУ ја одложила одлуката за пристап на Албанија и Македонија и дека двете земји треба да покажат прогрес во подобрувањето на владеењето на правото и борбата со организираниот криминал.

„Вратата за членство во ЕУ за Албанија и Македонија останува затворена барем до јуни 2019 година, но приемот е на понуда доколку земјите покажат прогрес во реформите“, известува медиумот. Тие пишуваат дека јазикот во декларацијата им дозволува на проевропските влади во Македонија и Албанија да им кажат на своите граѓани дека вратата до евентуално членство во ЕУ е отворена. „Но на Франција и Холандија, кои се внимателни во ширењето на ЕУ кон нови земји, им дозволува да соопштат дека не е донесена никаква финална одлука“, се вели во текстот.

„ЕУ обсервер“ објави наслов „ЕУ ги одложи разговорите за Македонија и Албанија“, додека „Еурактив“ исто така објави дека „ЕУ ги стави ‘Северна Македонија’ и Албанија на чекање до изборите во Европската Унија“.

„Вол стрит журнал“ исто така објави дека ЕУ ја таргетирала следната година за преговорите за пристап со Македонија, по промената на името, додека грчки „Катимерини“ објави наслов „ЕУ ги одложи разговорите за членство за ФИРОМ и Албанија до 2019 година“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг