ВМРО-ДПМНЕ: Петре се фали со проектите на Коце

Макфакс

25/06/2018

17:54

1.080

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, се фали со претворен центар за отпад направен од неговиот претходник, Коце Трајановски.

„Шилегов кажа дека како една од мерките за подобрување на хигиената во градот, претоварниот центар за ѓубре во Карпош 3 ќе биде рециклажен центар за отпад, што е лага. Вистината е дека рециклажниот двор Карпош ниту е изграден сега, ниту почнува од сега да врши селекција и претовар на отпад. Тој постоеше претходно и беше надограден од претходниот градоначалник Трајановски при што се инвестираше во нови содржини со специјални боксови, специјални контејнери за селекција на сите видови на отпад – електронски и отпад од батерии, отпад од пакување- ПВЦ,хартија,лименки, стакло, како и кабаст отпад од домакинства“, тврди ВМРО-ДПМНЕ. 

Според опозицијата, инвестицијата која Шилегов ја наследил од Трајановски во ЈП Комунална Хигиена изнесувала 1 милијарда денари, а според нив, Шилегов тешко ќе стигне до пола од оваа инвестиција со нови вложувања. 

ВМРО-ДПМНЕ ги оцени како лажни и тврдењата на Шилегов дека Комунална Хигиена поседува 26 камиони за собирање на смет, тврдејќи дека Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена располагаат со 116 специјални возила за собирање на смет набавени во периодот 2010-2017- та година во вредност од пола милијарда денари. Според ВМРО-ДПМНЕ, лажни се и заклучоците на Шилегов дека во изминатите 10 години не е направено ништо за подигање отпад или миење улици.



Спонзорирани линкови

Маркетинг