Утре ќе се гласа за недоверба на Ципрас поради договорот со Македонија

Макфакс

15/06/2018

11:43

4.474

Големина на фонт

а а а

Грчкиот парламент започна расправа по барањето за недоверба на владата на премиерот, Алексис Ципрас. Барањето го поднесе лидерот на најголемата опозициска партија, „Нова демократија“, Киријакос Мицотакис, поради договорот со Македонија за новото име на земјата.

Дебатата треба да биде завршена во сабота, во 14 часот по локално време, одлучило претседателството на парламентот, а пренесе новинската агенција АНА.

Мицотакис, поднесувајќи го барањето, ја обвини владата дека со економските и национални прашања раководи на опасен начин и без парламентарен легитимитет. Договорот со македонската влада го нарече штета за националните интереси и конечен удар за Грците кои со години живееле под мерки за строго штедење.

„Ципрас е подготвен да го потпише договорот и да ја обврзе земјата за рамка што ќе не стави пред свршен чин. Интересот за националните прашања не е случаен, туку е намерен избор со цел да се одвлече вниманието од економските проблеми“, смета лидерот на опозицијата.

Паралелно со ваквата вжештена расправа во грчкиот парламент, мала група граѓани уште од рано утрово се собраа пред објектот, во пресрет на централниот собир, најавен преку соцјалните мрежи, кој треба да се одржи денеска со почеток од 20 часот. Имено, Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија под слоганот „Македонија значи Грција“ организира протести во следните три дена за постигнатиот договор меѓу двете земји.

Барањето за гласање на недоверба на грчката Влада се прифаќа само ако е поддржано со апсолутно мнозинство од вкупно 300 пратеници избрани во парламентот, напоменува грчката агенција.

Владејачката левичарско-десничарска коалиција на Ципрас има 154 места во парламентот од 300 члена, па оттука мали се шансите дека владата ќе падне, оценува „Ројтерс“. Меѓутоа, британската агенција укажува дека доколку парламентот изгласа недоверба на Владата, Ципрас ќе мора мандатот да му го предаде на претседателот на земјата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг