Со договорот за името, МАНУ и МРТ ќе се преименуваат

Макфакс

14/06/2018

10:57

2.152

Големина на фонт

а а а

„Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија“ – вака според договорот којшто Македонија и Грција викендов треба да го потпишат во Преспа би гласело новото име на Македонската академија на науката и уметностите. Согласно договорот, треба да се преименуваат и други државни институции кои што го содржат името – Македонија/ македонска, како на пример Македонската радио телевизија…

Сите други организации, компании, здруженија или какви било активности и атрибути може слободно да се именуваат како македонски и да ја користат придавката македонски, како дома, така и секаде во странство.

Претседателот на МАНУ, Таки Фити пред неколку месеци го изрази ставот на академијата да не се прифаќа во преговорите да се отвора прашањето за идентитетот, ниту име за севкупна употреба. „ Ерга омнес, односно име за севкупна употреба, никако не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација“ – кажа претседателот на МАНУ, Таки Фити на едно медиумско гостување.

Притоа додаде дека доколку се прифати име за севкупна употреба, тогаш ниту МАНУ нема да се вика Македонска академија на науките и уметностите, туку ќе треба да се прекрсти. Од тоа произлегува дека освен МАНУ, ќе треба да бидат преименувани и други национални институции, како Народната банка на Република Македонија, АРМ, Друштвото на писатели на Македонија, Фудбалската федерација на Македонија… Тоа, според претседателот на МАНУ, е апсурдно.

Според најавите, договорот кој го постигнаа македонскиот премиер Зоран Заев и грчкиот колега Алексис Ципрас в сабота треба да биде потпишан во Преспа, по што треба да биде ратификуван во парламентите на двете држави. За денеска е најавена владина седница, на која Заев најави дека документот ќе се декласифицира и ќе и биде достапен на јавноста. Во меѓувреме во Грција е објавена англиска верзија на документот, во кој се изнесуваат детали од договореното.

Па така, согласно членот 1 од договорот, „придавската референца за државата, за нејзините официјални тела и за други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на втората страна сили со нејзиното скратено име, што значи „на Република Северна Македонија“ или „На Северна Македонија“. Другите употреби на придавката, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на приватните субјекти или актери, кои не се поврзани со државните и јавните субјекти, што не се опфатени со закон и немаат финансиска поддршка од државата за активности во странство, може да бидат според членот 7 (3) и (4). Употребата на придавката за активности може да биде според членот 7. Ова е без предрасуди кон процесот утврден со членот 1 (3) и сложените имиња на градовите што постојат на датумот на потпишувањето на овој договор“.

Согласно членот 1 од Договорот, официјалното име за севкупна употреба ќе биде „Република Северна Македонија“ или скратено „Северна Македонија“. Договорот предвидува превод на името Република Северна Македонија на сите јазици – на пример: Republic of North Macedonia. Договорот не предвидува транскрипција на името Република Северна Македонија на латиница.

Во однос на јазикот, Договорот предвидува дека официјален јазик на нашата држава е „македонски јазик“ кој е преведлив на сите јазици (на пример, на англиски јазик „Macedonian language“). Во однос на македонскиот јазик, во ООН во Њујорк останува да пишува – МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК – без никаква фуснота со дообјаснување. Во самиот договор има член во кој се нотира научниот факт дека Македонскиот јазик е дел од јужнословенската група јазици. Во однос на државјанството/националноста (Nationality) тоа е утврдено во Договорот како „Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“ преведливо на сите јазици (на пример, на англиски јазик: Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia).

Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно, а тој ќе стапи на сила откако двете страни ќе го прифатот согласно внатрешните процедури. Доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг