Надал им одговори на критичарите за стилот на игра и невкусниот прекар: Се смеам на фразата која се употребува

Дерби

12/06/2018

09:55

3.108

Големина на фонт

а а а

Рафаел Надал ја освои својата 11-та титула на Ролан Гарос откако го победи Доминик Тим во големото финале кое се одигра во неделата, но без разлика на историскиот и нестварен успех кој го оствари, се уште постојат одредени критичари кои се обидуваат да го оспорат неговиот стил на игра.

Неверојатната дефанзива и враќањето на секое топче посебно доаѓа до израз во играта на Надал кога станува збор за натпревари кои се играат на земјена подлога, но одредени тениски критичари и фанови се обидуваат да го потценат ваквиот стил на игра на Шпанецот, па доста често знае да биде наречен „префрлач на топки“.

Ваквиот прекар за неговиот стил на игра секако е неблагодарен ако се земе во предвид дека Надал освои дури 17 грен слем титули со најновата на турнирот во Париз, а запрашан за тоа како се справува со оваа фраза, таканаречениот „крал на земјата“ даде интересен одговор.

– Реално, сето тоа што се зборува на оваа тема воопшто не ме интерерсира. Не сакам никого да потценам, но ако го кажеа тоа Матс Виландер или Џон Мекинро, луѓе кои се разбираат во тенис, тогаш сигурно ќе ме вознемиреше таквиот термин. Но, всушност, станува збор за нешто што е навистина смешно. Искрено, се смеам на сето тоа. Што всушност е „префрлач на топки“. Сигурно не е некоја негативна работа. Ова е фраза која може да ја смисли некој 10-годишник. Ако размислите поопширно, ако префрлите една топка повеќе, на крајот победувате. Ова е спорт во кој главната цел е со почитување на етиката, противникот и својата игра да го достигнете врвот. Без разлика дали играте агресивен тенис, дефанзивен, на контраудари или игра на мрежа, главната цел е иста, – порачува Надал.



Спонзорирани линкови

Маркетинг