Предлог домашни маски за коса: Прават чуда, а нивните состојки сите ги имате дома

Точка

05/06/2018

18:56

12.739

Големина на фонт

а а а

Секојдневното пеглање, фенирање или пак виткање на косата, може да биде фатално за истата, а испуканите врвови со сигурност ќе станат ваше секојдневие. Сакате да ја негувате вашата коса дома, но имате премногу обврски и немате време за да одите на третмани во фризерски салон?

Решението е многу едноставно, потребно е само малку воља, интерес и неколку состојки коишто ги користите во секојдневието. Најдобри состојки кои можете да ги искористите како маска за коса се: авокадо, банана, мед, јајца, маслиново масло, мајонез, глина, јаболков оцет.


Искористете било кој од набројаните продукти и нанесете го со масирање на скалпот и надолу по прамените. Ставете најлонска капа и оставете ја маската да дејствува 15-30 минути. Потоа, измијте ја косата со шампон. Резултатите ќе ги забележите веднаш, бидејќи вашата коса ќе се трансформира во мека, свиленкаста и ќе зрачи со многу сјај. Дополнително проследете некои од нашите испробани маски за коса и повторно вдахнете и живот на истата.

Маска за коса од банана


Потребни состојки:

- 1 зрела банана

- 1 лажица мед

Подготовка:

Оваа маска е идеална за оние коишто имаат кршлива и тенка кос, затоа што изобилува со калиум кој што го обновува Вашето влакно. За подготовка на маската Ви е потребно една зрела банана и една супена лажица мед. Измешајте ги состојките во блендер и добро соединете ги, за да немате парчиња од банана во косата. Нанесете ја смесата на косата а потоа ставете капа за туширање и оставете ја да делува наредните 20 минути. Измијте ја косата со млака вода и најпосле исперете ја со шампон. Ќе бидете воодушевени од резултатите!

Ревитализирачка маска со авокадо и мајонез 


Потребни состојки:

- 1 авокадо

- ½ чаша мајонез

- 2 лажици маслиново масло

- 2 лажици мед

Подготовка:

Првенствено испасирајте го авокадото. Потоа додадете ги мајонезот, маслото и медот и мешајте додека не добиете хомогена смеса. Ставете ја маската на косата и масирајте околу 2 минути. Потоа, ставете најлонска капа и оставете ја смесата да делува некои 20 минути. На крајот измијте ја косата со млака вода и шампон.

Јаболкова маска за неверојатно мека и нежна коса 

Потребни состојки: 

- 1 ситно рендано јаболко

- 2 лажици јаболков оцет

- 2 лажици сок од лимон

Подготовка:

Во изренданото јаболко додадете ги оцетот и сокот од лимон и промешајте. Ставете ја смесата на скалпот и нежно масирајте. Потоа разнесете ја маската и надолу кон врвовите, но сепак фокусирајте се на скалпот. Ставете најлонска капа и оставете ја смесата да делува 30 минути, а потоа исплакнете со вода и измијте ја косата со шампон.

Маска од кокосово масло 

 

Научно е докажано дека кокосовото масло длабински продира во самото влакно и дека со своите хранливи својства допринесува за здравје на косата. Затоа и големиот број на маски за коса се базираат на оваа состојка.

Потребни состојки:

- 2/3 кокосово масло

- 1/3 маслиново масло

Подготовка:

Маската ќе ја добиете така што во еден празен сад ќе помешате 2/3 кокосово и 1/3 маслиново масло, а потоа добиената маска ќе ја втриете во косата и тоа само на нејзините краеви, за да не предизвикате мрсење на кожата на главата. Врзете ја косата во реп и ставете капа за туширање. Така спакувана косата оставете ја да делува од 20 до 30 минути, а потоа измијте ја со шампон и вода.

Дополнителен совет:

После третирањето на Вашата коса со некоја од овие маски, нанесете балсам за коса којшто ќе допринесе за зголемување на квалитетот на истата.